Поранешниот ас на Челси, Оскар официјално стави крај на професионалната фудбалска кариера на 34 години, откако неодамнешните здравствени проблеми го натераа да донесе тешка, но очекувана одлука.
Бразилецот во ноември беше хоспитализиран поради срцеви компликации, што веднаш отвори бројни прашања околу неговата иднина на терените. Иако првично постоеше надеж дека ќе може да се врати на фудбалот, лекарските препораки и личната проценка го насочија кон повлекување од активното играње.
Оскар најдлабока трага остави во дресот на Челси, за кој настапуваше во периодот од 2012 до 2017 година и беше дел од една од најуспешните генерации на лондонскиот клуб. Потоа следеше трансфер во Шангај, кој тогаш важеше за еден од најскапите во светскиот фудбал.
По истекот на договорот во Кина, Оскар се врати во татковината и во јануари потпиша за Сао Паоло, меѓутоа здравствените проблеми не му дозволија нов почеток каков што посакуваше. Така, бразилскиот офанзивец реши да го затвори едно богато и успешно фудбалско поглавје.