Во англиската втора лига го видовме еден од најкратките тренерски мандати во последните години и тоа во редовите на поранешниот премиерлигаш Вест Бромвич Албион.
Овој клуб одлучи да се раздели со Ерик Ремзи, кој на клупата седна во јануари како наследник на Рајан Мејсон. Неговата авантура траеше само 44 дена, период во кој резултатите не ги оправдаа очекувањата на раководството.
Под водство на Ремзи, тимот освои само четири бода и запиша четири порази, а дополнителен удар беше елиминацијата од Купот на Англија по поразот од Норвич Сити.
Од клубот веќе потврдија дека улогата на привремен стратег ќе ја преземе Џејмс Морисон. Ситуацијата за Вест Бромвич е далеку од идеална, тимот се наоѓа на 21. позиција на табелата и има само еден бод повеќе од зоната која води кон понизок ранг, што најавува тешка битка за опстанок во продолжението од сезоната.