Поранешниот шпански репрезентативец и екс-фудбалер на Милан и Барселона, Жерар Делофеу, го минува најтешкиот период во животот и се бори со повреда која може да го остави со трајни последици и инвалидитет.
Последниот натпревар го одигра во 2023 година, а веќе речиси три години се соочува со сериозен проблем со коленото. На почетокот од оваа година го раскина договорот со Удинезе и повторно мораше да оди на операција, што целосно го оддалечи од терените.
„Тоа е многу повеќе од повреда, чекор од траен инвалидитет. Како да имам протеза во коленото. Неможам да направам чекор бидејќи една коска удира во друга и навистина е сериозно. Се борам против биологијата, но и против својата глава. Се борам веќе две ипол години. Имав среќа што мојот тим, мојот претседател и колегите од Удинезе ми беа поддршка цело време“, вели Делофеу.
И покрај сè, 31-годишниот Шпанец не се предава и е убеден дека може да се врати на фудбалските терени.
„Ќе биде тешко, но сакам да испишам историја. Мислам дека можам да станам фудбалерот кој се вратил на терените по најголемо отсуство. Тоа за мене би било нешто големо. Се молам за чудо и сакам да работам за своето семејство и децата“, додава тој.