Барселона прави
напори да го донесе Лаутаро Мартинез како засилување за нападот, но Интер не планира
лесно да се откаже од Аргентинецот кој има откупна клаузула вредна 111 милиони
евра.
Низ медиумите од
Шпанија и Италија секој ден има најразлични гласини за текот на преговорите,
што нудат од Камп Ноу и каква е позицијата на „нероаѕурите“.
Новинарот
Франсеск Агилар вели дека по последната рунда преговори, директор на Интер
бурно реагирал и испратил забелешка до своите колеги од Барселона: „Мислите дека
сме глупави, дека сме аматери?“
Барселона нема
пари за да ја активира откупната клаузула па нуди неколку играчи за да ја
спушти цената. Сепак, на Интер не му се допаѓа тоа што на маса се ставаат имиња
кои не се дел од плановите на „каталонците“, се вишок и немаат иднина на Камп Ноу.
Се шпекулира дека
Интер има јасна позиција, односно бара 90 милиони евра и играч кој тие ќе го
изберат.