Иран избори учество на следното Светско првенство, но селекцијата би можела да се соочи со голем проблем уште пред почетокот на турнирот, поврзан со настапот на Мехди Тареми.
Со оглед на тоа што дел од натпреварите ќе се играат во Соединетите Американски Држави, под знак прашалник е патувањето на искусниот напаѓач поради рестрикциите за влез што важат за државјани на Иран. Ситуацијата дополнително се комплицира поради фактот што Тареми во минатото го има одслужено воениот рок во морнарицата на Револуционерната гарда, што според американските правила може да резултира со одбивање на виза.
Во иранската федерација потврдуваат дека активно работат на надминување на проблемот, свесни за значењето што Тареми го има во офанзивната игра на репрезентацијата. Потенцијалното отсуство на напаѓачот би било сериозен удар за селекторот во пресрет на најголемиот фудбалски настан.
Иран на Светското првенство ќе се натпреварува во група со Белгија, Египет и Нов Зеланд, а конечната одлука околу настапот на Тареми се очекува во наредниот период.