Според „Сан“, Погба и Мурињо се во најлош однос досега. По последната кавга фудбалерот му рекол на Португалецот дека кога ќе има нешто да му каже тоа да го прави преку неговиот агент Мино Рајола.
По победата над Лестер, Погба изјави дека има работи кои не сака да ги каже бидејќи ќе добие казна ако го направи тоа.
На Мурињо не му се допаднала изјавата на Погба па му рекол на Французинот: „Доколку сакаш да си одиш од Манчестер повторно, се што треба да направиш е да побараш трансфер“.
Иако Погба и Мурињо не беа во најдобар однос ниту минатата сезона, овој пат се верува дека односот е заладен бидејќи Погба сака трансфер во Барселона, а на неговото однесување влијание има и агентот Мино Рајола кој важи за мајстор за вакви ситуации и често со нечесни игри им обезбедува нов клуб на своите клиенти.
Мурињо му ја даде капитенската лента на Погба за мечот со Лестер со цел да покаже дека има доверба во него, Французинот даде гол од пенал и беше прогласен за играч на натпреварот. Но натпреварот не создаде насмевка кај Погба, според „Дејли Мејл“ тој продолжува да притиска за трансфер во Барселона.
Желбата на Погба да се пресели во Барселона во летниот преоден рок ја покажува неговата себичност ако се знае дека Манчестер јунајтед не може да најде соодветна замена во моментов поради тоа што трансфер пазарот во Англија е затворен. Тој мисли на својот интерес и не покажува воопшто почит кон клубот.
За разлика од Погба, неговиот сонародник Антоан Гризман покажа многу поголема почит кон клубот кога се најде во слична ситуација. Гризман силно се шпекулираше дека ќе потпише за Манчестер јунајтед, но брзо потоа Атлетико Мадрид доби забрана за трансфери по што фудбалерот реши да остане во клубот бидејќи тие не се во можност да потпишат со нови играчи и соодветно да го заменат.