Победа има нови луѓе кои ќе ја спасуваат, но ситуацијата останува неизвесна!

by riste
1 минути читање

Прилепска Победа се бори да опстои, ситуацијата е незавидна, клубот има ново раководство, а тимот дури вчера го одржа првиот тренинг.

Филип Илиоски кој досега ја имаше улогата на генерален секретар на победа, отсега е нов извршен директор. Мнозински акционер е Владимир Мирчевски кој деновиве ќе треба да добие 70 проценти од акциите на претходните сопственици. 20 проценти од акциите поседува Гоце Ингилизов и 10 проценти Благоја Гешоски.

Општина Прилеп одобри милион денари за ФК Победа кои се очекува деновиве легнат на сметката, но директорот Филип Илиоски изрази сомнеж дали тие воопшто ќе бидат исплатени на време поради веќе распишаните локални избори.

Без тие пари клубот не би можел да ја почне сезоната, а доколку врзе три меча на кои нема да се појави, автоматски ќе испадне во последното ниво на натпреварување.

Парите од општината би биле доволни за да се покријат трошоците за околу два месеци. Потребни се и други инвестиции за да се истера сезоната докрај.

Новиот мнозински акционер, Владимир Мирчевски рече дека клубот е во долгови од 5,5 милиони денари кон УЈП и речиси исто толку кон други доверители кои имаат разбирање за актуелната состојба и прифатиле да причекаат за наплата на долгот.

Новото раководство имало разговори и со луѓе од Стопанската комора на Прилеп, се обидуваат да донесат пари со кои ќе може клубот безбедно да ја одигра сезоната, а потоа да се бараат решенија како да се врати стариот сјај на прилепскиот клуб.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×