Денеска на програмата е последниот меч од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) во кој актуелниот шампион Шкендија ќе го пречека Пелистер.
Тетовскиот клуб го заврши настапот во Европа и сега комплетно е фокусиран на домашните обврски. Денеска на гости им доаѓа тимот на Пелистер.
Битолскиот клуб остана непоразен во минатото коло против Струга, а сега сака бодови и против уште еден тим кој се бори за титулата.
„Шкендија има одличен тим, ростер за респект, солидна клупа и играат на меѓународната сцена. Ние немаме што да загубиме, имаме неколку добри резултати кои ни влеваат самодоверба, како последниот нерешен резултат со Струга. Тие имаа тежок меч од Конференциската лига, ние имавме малку повеќе одмор и тоа е нашиот „џокер“. Настојувам во секој натпревар да влегуваме на идентичен начин, би рекол нормално, без однапред да се предаваме. Среќата ги следи храбрите, ние мора да изиграме машки за да можеме да се надеваме на позитивен резултат. Веќе почнува да се забележува дека борбеноста е карактеристична за нашата игра и само продолжувајќи по тој пат можеме да успееме. Имаме тежок распоред во финишот, но мора да извадиме максимум и да продолжиме фокусирано по патот што сме го зацртале“, вели тренерот на Пелистер, Милан Стојановски.
Шкендија со победа ќе се доближи на четири бода до Вардар пред нивната меѓусебна пресметка која ќе се случи во четврток.
Натпреварот меѓу Шкендија и Пелистер почнува од 14 часот.