Продолжуваат возбудувањата во Првата македонска фудбалска лига со два натпревари од 26 коло.
Екипата на Башкими во Куманово ќе ја дочека Брера Струмица. Пред натпреварот своите очекувања ги сподели Фодај Травели.
„Натпреварот против Брера е многу важен за нас, бидејќи влегуваме во клучната фаза од шампионатот. Максимално сме фокусирани и подготвени. Се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода“, изјави екс-фудбалерот на Брера.
Од таборот на струмичани нагласија дека во забрзан ритам се подготвуваат за предизвиците и чекорат кон целта.
„Гледаме напред, затоа што првенството влегува во забрзан ритам. Нѐ очекува важен натпревар против Башкими во Куманово и подготвени сме да одговориме на предизвикот. Како и секогаш, одиме да се надигруваме, и нека победи подобриот“, порачаа струмичани.
Во Кавадарци екипата на Тиквеш ќе го дочека Силекс, со надеж дека ќе ја преполови бодовната негатива во однос на овој ривал.
„Секако дека посакуваме продолжување на таа позитивна серија. Тиквеш според мене пролетва игра одличен фудбал, и така треба да продолжиме. Домашниот терен за нас секогаш е предност, навивачите секогаш за нас се „дванаесетти“ играч. Нема дилеми дека и денеска ќе дадеме 100% за да дојдеме до нови три бода и да ја направиме оваа полусезона уште поуспешна за Тиквеш“, изјави Данаил Тасев од редовите на кавадарчани.
Од друга страна, кратовчани имаат очекување дека ќе ја продолжат добрата серија, а најава за мечот даде Ангелче Тимовски.
„На секој натпревар Силекс оди да се надигрува, и така ќе биде и денеска. Дали тоа ќе биде доволно за трите бода, ќе видиме. Играме против Тиквеш во Кавадарци. Сите знаат дека Тиквеш е „домашна екипа“, но одиме на победа како и на секој натпревар. Имавме една мала резултатска криза, и мислам дека е време да почнеме да победуваме. Натпреварот со Шкупи малку ја крена самодовербата, и време е да фатиме серија на триумфи. Знаеме дека Тиквеш е во добра форма, и мислам дека ќе биде добар натпревар денеска во Кавадарци, и секако се надеваме на позитивен резултат“, изјави Тимовски.
Двата натпревари се на програмата во терминот од 15:30 часот.