На терените во Првата македонска фудбалска лига денеска ќе се одиграат два натпревари, требаше да се сретнат и екипите н а Работнички и Шкендија, но тој натпревар е одложен по барање на тетовскиот клуб поради настапот во Европа.
Македонија Ѓорче Петров на свој терен ќе го пречека Пелистер и во него „лавовите“ ќе се обидат да дојдат до првите бодови во сезонатаа откако во првите три кола загубија од Струга, Шкендија и Силекс. Во тие три натпреври повретникот во Првата лига постигна и само еден гол, а прими осум.
Пелистер од друга страна во сезоната тргна со пораз од Вардар во Скопје, меѓутоа потоа битолскиот состав запиша две победи против Брера и Шкупи и во клубот се надеваат дека можат да ја продолжат оваа мини-серија.
Ако се суди според формата, благ фаворит можеби е Пелистер, меѓутоа таа улога избраниците на Димитар Капинковски треба да и ја оправдаат.
Вториот натпревар ќе донесе дуел на две екипи кои не знаат за победа во првите три кола и во нив има само едно реми.
Тиквеш ремизираше против Работнички во првото коло, додека потоа претпе порази од Вардар и Башкими.
Брера пак стартуваше со два порази од Силекс и Пелистер, а во минатото коло ремизираше со Вардар.
Двата натпревари денеска се играат во терминот од 16:30 часот.