Поранешните тренери на Барселона, Луис Енрике и Ернесто Валверде денеска се појавија на суд во случајот „Негреира“, двајцата изјавиле дека никогаш ниту слушнале, ниту ги виделе извештаите за кои биле плаќани милионски суми.
Луис Енрике и Ернесто Валверде денеска се појавија како сведоци во случајот „Негреира“ и милионските исплати кои Барселона ги правела кон поранешниот потпретседател на судискиот комитет.
Од таборот на „каталонците“ се правдаа дека исплатите (над 7 милиони евра) биле наменети за изготвување на извештаи за судии и фудбалери, кои потоа биле користени при подготовките за натпреварите, а не за купување на судиско влијание.
Луис Енрике (тренер од 2014 до 2017) и Ернесто Валверде (тренер од 2017 до 2020) во своите изјави посочиле дека ниту слушнале, ниту ги виделе извештаите на Негреира.
Сепак двајцата додале дека за време на нивниот престој на клупата, никогаш не почувствувале дека биле фаворизирани од судиите.
Како сведок денеска се појавил и претседателот Жоан Лапорта кој изјавил дека никогаш не разговарал со Негреира, дека ситуацијата ја наследил од претходниот борд на директори и дека од спортскиот сектор му било кажано дека треба да продолжат бидејќи извештаите за судиите и играчите биле корисни и важни за клубот.