Предраг Мијатовиќ ја анализираше ситуацијата на Реал Мадрид и откри какви засилувања би донел доколку е спортски директор на „кралевите“.
Предраг Мијатовиќ, кој го носеше дресот на Реал Мадрид од 1996 до 1999, а потоа од 2006 до 2009 беше директор за фудбал, како гостин во емисијата „Ел Ларгеро“, направи анализа на „кралевите“ по поразот од 2-5 против Барселона во финалеот на Суперкупот на Шпанија.
Тој говореше за позициите кои мораат да се корегираат и какви засилувања би донел доколку повторно е спортски директор.
„Би ги засилил левата и десната бековска позиција. Мора да се најде решение. Реал Мадрид со декади имал квалитетни бекови. Не треба да го заборавиме Роберто Карлос, Кристијан Панучи, Марсело, Дани Карвахал… Реал Мадрид секогаш имал играчи кои правеле разлика на овие позиции“ – вели Предраг Мијатовиќ.
„Мора да се донесе и нов фудбалер од средниот ред. Се навикнавме на Тони Крос и Лука Модриќ, кои долги години беа моторот на тимот, па мора да се донесе нов креативец. Мора да се донесе нов Модриќ или нов Крос, но воопшто не е лесно да се најде ваков профил на играчи. Сепак, има неколку имиња со добар потенцијал“.
Тој на ум има и уште една позиција која треба да се засили: „Потребен ни е нов централен дефанзивец, сметам дека Чуамени не се снаоѓа во оваа улога“.
Сепак, една ваква реконструкција на тимот тој би направил само по крајот на сезоната.
„Знам дека има многу шпекулации, но во јануари не можете а и не треба да правите големи работи“.
Предраг Мијатовиќ исто така смета дека Карло Анчелоти треба да остане на кормилото по крајот на сезоната, а потоа да се одлучува дали стратегот ќе замине или не.
„Би му дал комплетна моќ на Анчелоти до крајот на сезоната, и потоа ќе донесам одлука без разлика каква ќе бидат резултатите, па дури и да ја освоиме Ла Лига и Лигата на шампиони“.
„Навистина ми се допаѓа Чаби Алонсо, но кога е во прашање Реал Мадрид, една работа е да познавате некого како играч, друго е како тренер“.