Иако Реал Мадрид цврсто го држи врвот на Ла Лига и зад себе има победа во првото „Ел Класико“ оваа сезона, шпанските медиуми сè погласно пишуваат за тензии меѓу тренерот Чаби Алонсо и дел од соблекувалната.
Според информациите на „Мундо Депортиво“ дури петмина фудбалери на „кралскиот клуб“ не се задоволни од начинот на кој Алонсо ја води екипата, а незадоволството, наводно, полека се шири во тимот кој до пред неколку месеци изгледаше како целосно единствен колектив.
На списокот на фудбалери кои, според шпанските медиуми, имаат проблем со новиот стратег се наоѓаат Тибо Куртоа, Винисиус Жуниор и Џуд Белингем.
Клучните играчи, како што се наведува, не се согласуваат со тактичкиот пристап на Алонсо, особено со идејата играта да се темели на кратки додавања и градење напади од задната линија.
Винисиус повеќе пати оваа сезона покажал фрустрација поради одредени тактички одлуки, а конфликтот со Алонсо по замената на „Ел Класико“ само ги засилил тензиите. Иако Бразилецот подоцна јавно им се извини на соиграчите, клубот и претседателот, фактот што го изостави тренерот од своето обраќање не помина незабележано.
Незадоволство, според медиумите, изразиле и Едуардо Камавинга и Федерико Валверде, кои поради тактички барања често се принудени да играат надвор од своите природни позиции. Така, Валверде неколку пати бил принуден да настапи како десен бек, заменувајќи го повредениот Дани Карвахал – улога која, наводно, не му одговара.
Шпанските медиуми наведуваат дека Алонсо на тренинзите користи видео анализи, дронови и детални тактички планови, барајќи максимална концентрација и дисциплина од секој играч.
Иако таквиот пристап му донесе огромен успех во Баер Леверкузен, дел од играчите на Реал Мадрид, наводно, повеќе го преферираат опуштениот стил што го практикуваа Зинедин Зидан и Карло Анчелоти.