Петмина француски полицајци се под истрага поради примање пари од Килиан Мбапе, ѕвездата на француската репрезентација и еден од најдобрите фудбалери на светот.
Како што открива неделникот „Ле Канар Аншене“, внатрешната контрола на полицијата во Франција отворила административна постапка, откако се појавиле информации дека полицајците кои биле задолжени за безбедноста на репрезентацијата примиле вкупно 180.300 евра од Мбапе во текот на 2023 година.
Според фудбалерот, не станува збор за надомест, туку за донација од премијата што ја добил на Мундијалот во Катар. Тој преку писмена изјава објаснил дека решил целата сума да ја подели на луѓето кои се грижат за неговата безбедност, како и на неколку организации. Нагласил и дека се консултирал со својот даночен советник, кој му потврдил дека таквиот подарок не мора да се пријави во даночната управа. Мбапе е подготвен да соработува со властите и да одговори на сите прашања околу случајот.
Фокусот на истрагата е дали станува збор за подарок или за плаќање приватна служба за обезбедување. Документ на француската служба за борба против перење пари открива дека четворица полицајци добиле по 30.000 евра, додека нивниот претпоставен добил дури 60.300 евра.
Особено внимание привлекол токму заповедникот, кој бил забележан како дел од придружбата на Мбапе за време на негови приватни патувања во Камерун и Воклиз летото минатата година. Внатрешната контрола смета дека со тоа ги прекршил етичките правила на службата и ја довел во прашање својата професионална интегритет.
Фото: PSG/Twitter