Перу играше активно уште од првата минута, постојано напаѓаше, создаваше шанси, промаши и пенал и на крајот го загуби натпреварот.
Данска дисциплинирано се бранеше, ги одбиваше нападите на противникот и повремено беше опасна по контра напади.
Перу тргна одлично, првата шанса ја имаше преку Кариљо, но неговиот добар шут го одбрани Шмајхел, потоа се закани и Џеферсон Фарфан, но беше блокиран.
Во самиот финиш од првото полувреме Перу доби пенал, но Куева шутираше очајно, високо над голот и ја пропушти најголемата шанса за неговата репрезентација.
Перу продолжи со својата офанзивна игра и во вториот дел, Флорес се закани но беше за малку непрецизен.
Казната за промашеното дојде во 59. минута кога по еден контра напад Полсен погоди за водство на Данска од 1-0.
Перу се обидуваше да дојде до изедначување, напаѓаше и создаваше шанси, но многу лесно можеше да доживее и поубедлив пораз бидејќи по контра напади Данска создаде уште две убави шанси во финишот, најдобрата преку Ериксен.
На крајот Данска се радуваше на три бода, а Перу може да жали за пропуштеното.
Во следното коло Данска игра против Австралија, Перу ќе се сретне со големиот фаворит Франција.