Дербито на петтото коло во Премиер лигата ќе го одиграат Арсенал и Манчестер Сити, а тоа ќе биде и нов дуел на поранешните соработници Пеп Гвардиола и Микел Артета, кои ќе се сретнат по 15-ти пат како тренери.
„Сакам да му порачам на мојот пријател, Микел Артета, ако ја освои титулата во Премиер лигата тоа ќе биде само поради вложените пари, а не затоа што тој и неговите играчи вредно работеле. Истото важи и за Ливерпул. Ако Арне Слот ја освои титулата, тоа ќе биде затоа што потрошил многу пари, нели? Не се случува тоа само кај Манчестер Сити, сите клубови го прават истото“, изјави Гвардиола на прес-конференција.
Со ваквиот ироничен тон шпанскиот стратег сакаше да ја потенцира ситуацијата околу Арсенал, потсетувајќи дека и титулите на Сити често биле омаловажувани поради големите инвестиции.
„Години наназад секој клуб може да прави што сака. Знам дека начинот на кој нè третираат е сосема различен, но сите трошат затоа што така сакаат“, додаде Гвардиола.
Пред дербито Арсенал има три бода повеќе од Манчестер Сити на табелата во Премиер лигата.