Пелистерци задоволни по ремито со Шкендија: Заслуживме бод со шампионот!

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалерите на Пелистер одиграа реми без голови (0-0) против шампионот Шкендија во натпреварот од деветтото коло на ПМФЛ.

Средбата во Битола беше со нешто понизок интензитет од очекуваното, а пелистерци ја исполнија примарната цел – да не загубат. Со тоа беше запрена црната низа од пет порази. По натпреварот свој коментар даде младиот Христијан Стојановски.

Заслужено го освоивме бодот. Сите што играа денес го дадоа својот максимум. Имавме шанса во вториот дел да стигнеме и до победа, но не успеавме. Бод против оваа Шкендија, која игра и во Европа, мислам дека не е мала работа. Одиме на тешко гостување кај екипата на Силекс, ќе се обидеме да останеме непоразени и таму. Благодарност до публиката која беше нашиот дванаесетти играч. Ни претстои напорна недела, мора да се подготвиме, зашто Силекс е многу незгодна екипа“, изјави Стојановски.

Освен младиот играч, својот став го сподели и поискусниот дефанзивец Христијан Гроздановски, кој кажа:

Задоволни сме како одигравме. Тактички натпревар, без премногу шанси. Имавме прилика за гол, но за жал, не реализиравме. Полека излегуваме од кризата, мислам дека ова е добар стимул за позитивна серија. Сакаме да бидеме поопуштени и да се фокусираме на подобрување на играта. Благодарност до навивачите кои дојдоа да ни дадат поддршка. Ќе се трудиме да бележиме добри резултати на следите мечеви“.

Пелистер до крајот на сезоната го очекува грчевита борба за опстанок. Со седум освоени бода од девет натпревари битолчани се наоѓаат на десеттата позиција на табелата пред октомвриската репрезентативна пауза.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×