Утре со почеток од 17 часот на стадионот „Младост“ во Струмица, Пелистер и Шкендија го играат финалето од Купот на Македонија.
На денешната прес конференција, тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои и капитенот Горан Пашовски ги кажаа своите видувања за утрешниот меч.
„Ќе го парафразирам Цезар. Нека биде ова битка за народот, нека има игра, а ние ќе бидеме гладијаторите на теренот. Македонија ми е седма земја каде сум работел, а ова ми е вкупно трето финале во куп натпреварување. Во Бугарија и во Албанија ми успеа да стасам во финалето, а сега се надевам и дека ќе го кренам пехарот. Го почитуваме противникот, Шкендија е силен тим, но најважно е да биде коректно и на теренот и на трибините. Нека победи подобриот“, рече Наџи Шенсои, тренерот на Пелистер.
„Сите знаеме на кое ниво беше Пелистер минатата сезона, но со новото раководство сигнавме до финале во купот, а остваруваме добри резултати и во првенството.Овој меч битолчани го чекаат 16 години и се надевам дека јас и Гоце Тодоровски повторно ќе го подигнеме пехарот како што тоа го стори Митко Стојковски пред 16 години“, изјави Горан Пашовски, капитенот на Пелистер.