Утре почнува новата сезона од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), ждрепката сакаше вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер да се игра уште на првиот ден од сезоната.
Вардар е голем фаворит во утрешната пресметка, но Пелистер од Битола нема да дојде со бело знаме, тие ги сакаат сите три бода.
„Максимално сме подготвени за гостувањето во Скопје. Имаме максимален респект за Вардар, екипа составена од одлични фудбалери и одличен тренер, но сите знаеме каква тежина има ова македонско дерби. Се надеваме дека трите бода ќе ги донесеме во Битола и ќе славиме со нашите навивачи, кои ќе нè бодрат во Скопје“, изјави Јорданчо Наумоски за официјалниот сајт на Пелистер.
Слично размислува и неговиот соиграч Филип Бошковски.
„Спремни сме за почетокот на сезоната и за дербито со Вардар. Сите знаеме каков натпревар ни следи и атмосферата во нашата соблекувална е одлична. Со нетрпение го чекаме натпреварот, го респектираме противникот, но цел ни е да ги донесеме бодовите во Битола. Тоа би бил добар почеток за нас и за нашите навивачи „Чкембари“. Со добра игра и исполнување на задачите од стручниот штаб можеме да ја исполниме целта“, вели Бошковски.
Мечот се игра на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток од 20 часот.