Денеска од 17 часот Пелистер на стадионот во Кавадарци е домаќин на Шкупи во меч од третото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Битолчани имаа две гостувања во првите две кола, а кога требаше да одиграат пред своите навивачи, домаќини се во Кавадарци за да се заштити теренот во Битола пред доаѓањето на младата репрезентација на Италија.
И покрај тоа што мечот се игра на неутрален терен, од Пелистер веруваат дека имаат квалитет за нови три бода.
„Од мој агол, не ја познавам екипата на Шкупи доволно добро. На нас е да се подготвиме и да влеземе во овој натпревар како и во секој друг – максимално мотивирани, со јасна цел да го покажеме нашиот квалитет. Верувам дека имаме сериозен потенцијал и дека можеме да одиграме на високо ниво. Важно е од самиот почеток да наметнеме наша игра, да ја задржиме концентрацијата и да бидеме компактни во сите линии на тимот“, изјави фудбалерот Лука Булатовиќ за сајтот на ФФМ.
Тренерот на битолскиот тим, Димитар Капинковски вели дека не можеле да го анализираат Шкупи поради проблемите кои ги има овој тим, па фокусот е ставен на својата игра.
„Ние дефиниравме дека на секој натпревар ќе одиме на победа, а за тоа да се случи потребно е да бидеме на максимумот од своите можности. Имаме нова екипа што расте и се надградува, но знаеме што сакаме. Шкупи е тим кој не можевме да го гледаме минатата седмица, има нови играчи, па затоа се фокусираме на себе. Темелно се подготвуваме, ме радува што нападот профункционира во Струмица, имавме неколку изгледни шанси и два гола, беа изградени акции и тоа она што повторно ќе се обидеме да го оствариме“, рече Капинковски.
Шкупи во првото коло загуби кај Шкендија во Тетово, а во второто службено со 3-0 од Силекс бидејќи немаа терен кој ги исполнува условите за настап.
Сепак, Ерјон Шуку вели дека и покрај се, атмосферата во тимот е позитивна и ќе се обидат денеска да освојат бодови.
„Атмосферата во тимот е многу позитивна, а играчите се мотивирани да го дадат својот максимум на теренот, знаејќи ја важноста на натпреварот. Работевме максимално. Иако натпреварот со Силекс не се одигра по други причини, го искористивме времето за да тренираме повеќе, да го зголемиме интензитетот и да подобриме одредени тактички детали. Во тој поглед, мислам дека добивме дополнително време за подобро да се подготвиме“, изјави Ерјон Шуку.