Битолскиот прволигаш ќе биде домаќин на Струга која благодарение на низата успешни резултати во овој дуел влегува како фаворит. Иако Пелистер ќе игра на домашен терен, единствената победа над Струга е извојувана во гости во текот на сезоната 2020/21, додека во Битола имаат два пати играно нерешено како дел од ПМФЛ, и уште еднаш во дуел од Втората лига.
Од таборот на „зелено-белите“ зборуваше голманот Андреј Јовчевски кој го најави дуелот со стружани.
„Денешниот натпревар има голема важност за нас, како и секој од оние што же уследат. Подготвени сме да го дадеме максимумот. Ќе играме на домашен терен и тоа е мотив плус за нас. На овој натпревар ние немаме што да изгубиме, наше е само да играме храбро до поволен резултат“, изјави Јовчевски.
Напаѓачот Басиру Компаре, кој беше еден од стрелците на последниот натпревар против Силекс (2-3), ја искажува решителноста на тимот во пресрет на мечот во Битола.
„Играме на гости против екипа која исто така го загуби последниот натпревар. Тоа значи дека нѐ очекува жесток натпревар. Можам да кажам дека како тим сме добро подготвени за оваа средба. Ги загубивме првите две средби, но мислам дека сега ги коригиравме грешките. Стручниот штаб и играчите се максимално мотивирани да ја обезбедиме првата победа во пролетниот дел на сезоната. Тоа е многу важно за сите нас“, смета напаѓачот.
Средбата на стадионот „Петар Милошевски“ ќе се одигра во терминот од 13:00 часот.