Ако кај второлигашите се одложуваа натпревари, во ПМФЛ нема да има измени и продолжуваат возбудувањата од 15. коло.
Пелистер ќе биде домаќин на Македонија Ѓорче Петров во првиот натпревар на програмата во 12:30 часот. Со две победи во низа пелистерци како ретко кога сезонава се фаворит на еден меч. „Зелено-белите“ сакаат со победа на домашен терен да се простат од публиката за оваа сезона, а мечот на „Петар Милошевски“ ќе биде искористен за да се поздрави Благоја Љамчевски кој оди во фудбалска пензија.
Нешто подоцна, во 13:00 часот се игра уште еден прволигашки натпревар, а тој ќе биде во Струмица. Таму на стадионот „Благој Истатов“ екипата на Брера го дочекува Тиквеш. Ова е директен дуел на екипи кои се во борба за опстанок, а струмичани имаат бод повеќе од кавадарчани и се први над опасната зона. Сепак, тие четири меча не знаат за победа, додека Тиквеш забележа две во последните три кола.
Натпреварите од ПМФЛ продолжуваат в недела со средбите меѓу Вардар и Шкупи, како и Струга против Башкими. Колото се затвора в понеденик со дуелот на шампионот Шкендија против Работнички.