Пелистер ја задржа Шкендија, шампионот не го искористи ремито на Струга и Вардар!

by 24 фудбал
1 минути читање

Актуелниот шампион Шкендија одигра само 0-0 на гостувањето кај Пелистер и испушти голема шанса да се пробие на втората позиција во Првата македонска фудбалска лига. Тетовци во Битола не успеаја да го пробијат бедемот на домаќинот, иако имаа неколку добри прилики, додека битолчани можат да бидат задоволни со освоениот бод.

Натпреварот на „Петар Милошевски“ се одигра на дожд и без многу возбудувања, особено во првото полувреме. Шкендија беше поактивна, но ударите на Рамадани и Зејнулаи не го минаа добропоставениот Јовчевски. Пелистер ретко се закануваше, но дисциплинирано се бранеше и чекаше шанса од контра.

Во продолжението, Беќири со неколку измени се обиде да внесе свежина во тимот, но ниту тоа не донесе резултат. Пелистер ја имаше најголемата можност преку младиот Мрмачовски кој излета во зицер позиција, но ударот го одбрани Амзаи. Гостите во финишот го зголемија притисокот, имаа неколку шанси од кои најконкретната беше онаа на Тамба која ја одбрани Јовчевски.

Со ова реми, Шкендија остана на 21 бод и ја пропушти приликата да се одвои од Вардар, додека Пелистер стигна до вреден бод во борбата за опстанок.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×