Македонија во петок гостува кај Италија во
претпоследното, деветто коло од квалификациската група „Г“ за пласман на СП
Русија 2018, резултатски, мечот за нас во Торино нема некое големо значење во
овие квалификации, но од друга страна, бодови и тоа како ќе бидат добредојдени
во билдањето на рејтингот на ФИФА, кој се уште не е за пофалба.
Италијанските медиуми веќе почнаа да ја најавуваат нашата
селекција, а во истата ги издвоија офанзивците Илија Несторовски и Горан
Пандев, впрочем тие настапуваат во италијанскиот фудбалски шампионат, па се мошне добро познати на
тамошната јавност.
„Македонија пристигнува: Пандев и Несторовски се најголемата
опасност по нашиот тим“ пишува „Радиогол24“, а истиот медиум притоа го најави и
можниот почетен состав на нашата селекција, но веројатно не ги следат сите
информации поврзани со нашата селекција, па во почетниот состав го најавија и
Бобан Николов, кој се здоби со повреда, а на негово место дополнително беше
повикан Адис Јаховиќ.
Во однос на нашата игра, истиот медиум пишува дека нашата
репрезентација има одлични контра напади кои се сериозна опасност кон
противничкиот гол.
Извор: radiogoal24.it