Медиумите од „островото“ пренесуваат дека Лукас Пакета од Вест Хем ќе добие ослободителна пресуда во процесот во кој е обвинет дека намерно добивал жолти картони за негови блиски пријатели и роднини да заработат во обложувалница.
ФА во август 2023 покрена истрага против Лукас Пакета, под лупа беа ставени четири жолти картони кои Бразилецот ги заработил на натпревари, а во мај 2024 година поднесе и обвинение.
Се говореше дека Бразилецот го чека тешка казна, во најмала рака забрана за настап од неколку години, а во најлош случај и доживотна забрана.
Сепак, последните информации велат дека Лукас Пакета ќе добие ослободителна пресуда, независната комисија следната недела ќе ја соопшти одлуката.
Лукас Пакета, кој постојано велеше дека е невин, веројатно ќе добие оштета од 1 милион фунти, пари за да ги покрие трошоците за адвокати, но тоа нема да му значи многу со оглед на тоа дека трансферот од соништата е веќе изгубен.
Летото во 2023 година, Манчестер Сити сакаше да ја активира неговата откупна клаузула од 85 милиони евра, но „граѓаните“ се повлекоа кога дознаа за скандалот кој изби.
Тешко е за верување дека Пеп Гвардиола ова лето или пак во иднина повторно ќе тропне на вратата на Бразилецот.
ФОТО: X/West Ham United