Медиумите со нови информации за иднината на Кристијано Роналдо, се говори дека во неговиот договор има откупна клаузула која може да се активира летоска, сумата потребна за ова е 50 милиони евра.
Кристијано Роналдо оваа недела е во фокусот на медиумите откако одби да игра на вчерашниот натпревар против Ал Ријад.
Португалецот реши да штрајкува по најавите за трансфер на Карим Бензема во Ал Хилал, ЦР7 смета дека оваа зделка ќе ја наруши фер конкуренцијата во лигата, Ал Хилал добива повластен третман, а неговиот Ал Наср е ставен во втор план.
Не е јасно дали Кристијано Роналдо ќе продолжи со штрајкот, но како што пренесува Рекорд, тој сериозно размислува да замине од Саудиска Арабија во јуни.
„Тој смета дека заслужува поголема почит, со оглед на клучната улога што ја одигра во развојот на саудискиот фудбал и негово подигнување на досега невидено ниво. Дополнително, ја прифати и улогата на амбасадор на Светското првенство во 2034 во Саудиска Арабија, за да ја зголеми промоцијата на настанот“ – пренесува весникот.
Рекорд исто така додава дека во новиот договор на Кристијано Роналдо (до 2027 година со плата од 200 милиони евра по сезона) има откупна клаузула која може да се активира во јуни месец.
Но за нејзино активирање се потребни 50 милиони евра, па останува да се види дали ќе се најде клуб подготвен да плати таква сума на пари за 41 годишен фудбалер. Се шпекулира дека клубови од САД и Европа пројавуваат интерес.