Медиумите од Португалија пренесуваат дека Вест Хем и Ал Наср понудиле да ја активираат откупната клаузула од 10 милиони евра во договорот на Рубен Аморим, но стратегот не бил привлечен од овие проекти.
Манчестер јунајтед оваа недела го потврди Рубен Аморим за наследник на Ерик тен Хаг на тренерското столче на „Олд Трафорд“.
Стратегот откри дека сакал сезоната да ја заврши на кормилото на Спортинг, но „ѓаволите“ му поставиле услов – сега или никогаш.
Тој исто така откри дека парите не се главниот мотив, можел да заработува три пати повеќе на друго место.
Како што пренесува А Бола, пред Манчестер јунајтед да ја активира откупната клаузула од 10 милиони евра, други два клуба изразиле намера да го сторат истото.
Првиот кој стапил во контакт со Спортинг бил Вест Хем, а Рубен Аморим отпатувал и во Лондон на дискусии со челниците на „чеканите“ за нивната визија, проектот и условите за работа, но на крајот ги одбил бидејќи не им се поклопиле плановите.
Вториот клуб кој тропнал на вратата бил Ал Наср, каде главна ѕвезда е неговиот сонародник Кристијано Роналдо.
Клубот од Саудиска Арабија на Рубен Аморим му нудел 20 милиони евра по сезона, младиот стратег можел да стане еден од најплатените тренери во светот, но го одбил и овој предлог бидејќи имал други цели во својата кариера.