Како што пренесува ЕСПН Бразил, Винисиус Жуниор побарал фиксна плата од 20 милиони евра по сезона, плус додатни 10 милиони евра во бонуси за да стави потпис на нов договор со Реал Мадрид.
Изминативе месеци имаше многу гласини за иднината на Винисиус Жуниор и преговорите со Реал Мадрид за продолжување на договорот.
Се говореше дека Бразилецот побарал да биде најплатен на „Бернабеу“, додека пак „кралевите“ сметаат дека никој не треба да зима поголема плата од последното „галактико“ засилување – Килијан Мбапе.
Како што пренесува ЕСПН Бразил, последниот предлог на Реал Мадрид бил тежок околу 20 милиони евра по сезона, но тој бил оценет како недоволен за продолжување на соработката до 2030 година.
За да остане верен, Винисиус Жуниор бара фиксна плата од 20 милиони евра, плус додатни 10 милиони евра во бонуси.
Исто така, агентите на Бразилецот преферираат да почекаат и да видат каква ќе биде улогата на Винисиус Жуниор под палката на Чаби Алонсо во сезоната 2025/26.
Не им се допаднало тоа што Винисиус Жуниор првично бил изоставен од стартниот состав на Реал Мадрид за полуфиналето против ПСЖ на Светското клупско првенство, но повредата на Трент Александер Арнолд придонела Федерико Валверде принудно да игра како десен бек, а со тоа Бразилецот да се најде во нападот покрај Килијан Мбапе и Гонзало Гарсија.