32-годишниот Стјепановиќ денеска стави потпис на договор со Работнички и во наредната сезона ќе го носи дресот на романтичарите.
„Добиваме навистина квалитетно засилување со репрезентативецот Стјепановиќ кој искрено се надевам ќе ни помогне да стигнеме до нашите цели и амбиции во новата сезона“ – истакна по промоцијата претседателот на Работнички, Драган Поповски.
Задоволен од враќањето во Македонија е и Стјепановиќ.
„Доаѓам во клуб со високи амбиции, сигурно еден од најдобрите на домашната фудбалска сцена. Лесно постигнавме договор со раководството на клубот за идна меѓусебна соработка. Верувам дека во иднина ќе продолжат резултатските успеси на тимот, како и досега“ – вели Стјепановиќ.
Претходен клуб на Остоја Стјепановиќ беше полскиот Сласк Вроцлав, а во својата богата кариера има настапувано и за Македонија ЃП и Вардар во Македонија, како и српските Партизан, Чукарички и ОФК Београд, австрискиот Матерсбург, Висла Краков во Полска како и АЕЛ Лимасол на Кипар.