Осогово верува во сигурен опстанок, а сака да биде и пријатно изненадување во втората лига

by riste
2 минути читање

ГФК Осогово е подготвен за новата сезона во која целта е да се избори опстанок, но тренерот Крсте Крстев се надева дека со малку среќа ќе можат да се замежаат и во борбата за првите позиции на табелата.

Во изминатите години Осогово водеше силна борба за опстанок во Втората лигa. Поради кратењето на лигата во новата сезона дури пет екипи директно испаѓаат, а три ќе играат бараж за опстанок. Што значи дека треба да се биде во првиот дел од табелата, за сигурно да се опстане.

Тренерот на Осогово, Крсте Крстев верува дека овојпат кочанскиот тим е многу поконкурентен и дека ќе има мирна сезона во која нема да стравува за опстанок и покрај тоа што половина од лигата може да испадне.

„Подготовките ги одработивме во целост, одигравме шест пријателски мечеви, од натпревар во натпревар ја кревавме формата и подготвени ќе го дочекаме првенството. Задоволен сум од тимот, грото од фудбалерите ги задржавме, донесовме и нови засилувања и сметаме дека можеме да се надигруваме со сите во лигата. Ние никогаш нема никој да прецениме, но и никој да потцениме. Оваа сезона пет екипи директно испаѓаат, а три ќе играат бараж. Тоа е дополнителен притисок, но мислам дека сите се навикнавме од јануари па наваму секој натпревар да го играме под притисок. Ќе имаме тешки натпревари, но сигурен сум дека и на секој противник ќе му биде тешко против нас. Резултати не можам да ветам однапред, но она што го ветувам е дека секој од стручниот штаб и фудбалерите ќе го дадат максимумот. Можам да гарантирам дека во најмала рака ќе имаме сигурен опстанок, а доколку малку имаме и среќа, Осогово може да биде изненадување оваа сезона“, вели тренерот Крсте Крстев пред почетокот на сезоната.

Првиот меч во новата сезона Осогово го игра на гостински терен кај Саса.

„Што се однесува за натпреварот со Саса во Македонска Каменица е локално дерби, но ние во сезоната имаме уште неколку локални дербија. Во изминатата недела се подготвувавме како и за секој друг натпревар. Секој бод ќе ни биде важен, така пристапуваме и се надеваме дека нашиот максимум даден на натпреварите ќе ни даде мирно место на табелата“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×