Осминафинале Куп: Шкендија Арачиново го исфрли Пелистер, гостински победи на Струга и Силекс, Работнички слави по пенали

by 24 фудбал
1 минути читање

Се одиграа половина од осминафиналните натпревари во Купот на Македонија, а таму имаше едно изненадување бидејќи второлигаш го исфрли битолски Пелистер.

Ланскиот третолигаш Шкендија Арачиново кој е еден од најстабилните второлигаши оваа сезона го совлада Пелистер (1-0) за четвртфинале во Купот. Херој на арачиновци беше стоперот Арсим Љамалари кој по корнер реализира со глава на стартот на второто полувреме.

Најубедлива беше екипата на Струга на гости кај Македонија Ѓорче Петров и слави со 0-5. Поведоа стружани по половина час игра преку Ѓорѓе Ивковиќ, за 0-1 до полувремето. Во вториот дел Струга одигра убедлива партија, погодуваа Арби Воша, Басиру Компаоре, Христијан Малески и Стефан Јевтоски за висока гостинска победа.

Силекс го совлада Башкими со 1-2 на гости во Куманово. Кратовчани поведоа рано со голот на Дарко Додев по само четири минути, а потоа пред полувремето Марко Симоновски израмни на 1-1. Во продолжението кратовчани стигнаа до победата со голот на Милош Николиќ.

Веројатно најтешко мина Работнички кој дури по пеналите ја совлада Брегалница со 4-3 (1-1). Поведоа „романтичарите“ со голот на Џелил Асани од пенал. На стартот на вториот дел Еди Мандак донесе израмнување, а во пенал-серијата Брегалница влезе со одбранет пенал на Купанов. Сепак, потоа се истакна Василев меѓу стативите за скопјани и го поведе тимот до победата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×