Македонскиот
вицепрвак, тетовска Шкендија утре го игра реванш натпреварот од првото
квалификациско коло за Лига Европа, откако на првиот меч во Струмица забележа
убедлива победа од 3-0 против Дачија.
Од таборот на
Тетовци на денешната пресконференција во пресрет на утрешниот реванш натпревар
најавија дека се подготвени за големиот предизвик, но велат дека ништо не е
готово.
„Се подготвувавме
многу добро за да ја повториме играта од Струмица. Знаеме дека ништо не е
готово, барем засега, и покрај тоа што имаме поволен резултат не смееме да се
опуштаме. Сериозно ќе пристапиме и во реваншот, го анализиравме противникот и
ќе го дадеме максимумот на теренот за да ги реализираме нашите цели“ истакна
шефот на стручниот штаб, Ќатип Османи.
„По првиот меч
кога направивме добар резултат ние не се опуштивме воопшто, сеуште ништо не е
готово, сконцентрирани сме и решителни во намерата сериозно да влеземе во
реваншот. Мораме да ја повториме добрата игра за да се пласираме во следната
рунда“ изјави капитенот на тимот, Ферхан Хасани.
Избраниците на Ќатип
Османи го почувствуваа и теренот на „Молдавија“ каде утре во терминот од 16,00
часот ќе ја одиграат реванш средбата против Дачија.
Извор/Фото:
kfshkendija.com