Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, оствари работна средба со Влатко Андоновски, тренер кој со години успешно гради кариера надвор од границите на македонскиот фудбал. Средбата заврши во пријателска атмосфера, со симболична размена на дресови од македонската репрезентација и од Канзас.
Андоновски, кој потекнува од Скопје, повеќе од две децении живее и работи во Соединетите Американски Држави. Тренерскиот пат го започна во Канзас Сити, каде остави силен печат и се наметна како едно од најпрепознатливите имиња во американскиот фудбал.
Во 2019 година ја презеде женската репрезентација на САД, една од најтрофејните селекции во светот, а на таа позиција се задржа до 2023 година. Со својата работа и резултати, Андоновски останува едно од најзначајните македонски тренерски имиња на меѓународната сцена.