Фудбалерите на Вардар триумфираа против Македонија Ѓорче Петров со минимални 1-0 во петтото коло на Првата македонска фудбалска лига.
Средбата почна со подобра игра на „лавовите“ кои први се заканија, ама не успеаја да поведат. Домаќинот се консолидираше и почна да притиска, ама не успеа да го материјализира тоа. Налетите не вродија со плод во првиот дел и на одмор се замина со 0-0.
Бргу на стартот на второто полувреме вардарци успеаја да поведат. Во добра акција по нафрлување на Кастадења еден од дефанзивците на гостите му врати топка на голманот Јанков кој ја испушти и на неа налета Азер Омерагиќ кој ја втурна топката во голот за 1-0 во 52. минута. Вардарци продолжи да притиска и можеше да ја зголеми предноста, но мрежите мируваа до крајот и немаше резултатски промени.
Во следната рунда Вардар ќе гостува кај Арсими, а Македонија Ѓорче Петров е домаќин на Брера. Вардарци барем привремено ќе бидат лидер на табелата бидејќи имаат 13 бода, по еден повеќе од Силекс и Струга.