Од редовите на Охрид се огласија за сомнежите за нерегуларности во натпреварот против Работнички во кој беа поразени со 8-2.
Охрид во својата реакција ги обвини медиумите, а исто така повика и да се објават докази за активностите околу споменатите нерегуларности.
Реакцијата на охриѓани може да ја прочитате во продолжение:
„Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос се оградува од сите невистини и јавниот линч кој што се случува во текот на денешниот ден. ГФК Охрид е амбициозен клуб и проект со највисоки цели а ние како клуб сме на пат да го оствариме тоа за што сведочат и досега остварените резултати со кои се наоѓаме на првото место во втората фудбалска лига. Професионална должност на сите медиуми е да ги проверат информациите пред истите да ги објават.
Во оваа прилика, би сакале да потенцираме дека во текот на целата сезона, ГФК Охрид беше цел на разни судиски неправди во голем дел од натпреварите а ние како клуб ниту еднаш не реагиравме и само сведочевме на нивната граница која што одамна беше надмината.
Ги повикуваме сите надлежни институции јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности во текот на натпреварот со Работнички, во спротивно ќе сметаме дека ова е оркестриран напад од некој на кој што му пречи успехот на ГФК Охрид и ние како клуб сериозно ја разгледуваме можноста да превземеме соодветни правни механизми против сите инволвирани во оваа конструкција против нашиот клуб.
Всушност и во претходните денови, целокупната фудбалска јавност сведочеше на високи порази во контролните натпревари од страна на други екипи а никогаш не се постави прашањето околу некакви сомнителни активности.
ГФК ОХРИД секогаш се залага за фер и спортско однесување и никогаш не бил ниту ќе биде дел од некакви “задкулисни игри”.
ГФК Охрид им стои на располагање на Фудбалската Федерација на Македонија и на сите надлежни институции со цел правилно и целосно утврдување на фактичка состојба“, стои во соопштението.