210
Гранит Џака е нов играч на Сандерленд. Искусниот швајцарски репрезентативец пристигна од Баер Леверкузен во трансфер вреден околу 17 милиони фунти. Англискиот премиерлигаш ќе исплати 13 милиони фунти веднаш, додека дополнителни четири милиони се врзани со бонуси.
32-годишниот играч за врска беше важен дел од тимот на Чаби Алонсо кој ја освои Бундеслигата без пораз. Минатата сезона одигра 33 меча, постигна два гола и имаше седум асистенции.
Претходно, Џака шест години носеше дрес на Арсенал, каде запиша 297 настапи, даде 23 гола и имаше 26 асистенции.
Со ова засилување, Сандерленд ја зголеми својата инвестиција во летниот преоден рок на 114 милиони фунти и досега донесе седум нови имиња.