Алваро Арбелоа доби сериозно засилување во пресрет на продолжението од сезоната, откако Едер Милитао конечно се враќа во тимот на Реал Мадрид по долгата пауза поради повреда.
Бразилскиот стопер беше надвор од терените повеќе од четири месеци, а неговото отсуство создаваше големи проблеми во одбраната на „кралевите“. Арбелоа често беше принуден да комбинира и импровизира во последната линија, но ситуацијата сега значително се стабилизира.
Милитао доби зелено светло од лекарскиот тим и се очекува да се врати на терените веќе овој викенд на дуелот против Мајорка, што претставува огромен плус за мадридскиот тим во клучниот дел од сезоната.
„Едер Милитао се враќа. Секако дека сум пресреќен поради тоа. Добиваме врвен играч, фудбалер што кога е здрав е еден од најдобрите во светот на својата позиција. Нема сомнеж дека ќе ни биде од голема помош во клучниот дел од сезоната“, изјави Арбелоа.