Од три шута два гола, Манчестер јунајтед славеше над Реал во Мајами (ВИДЕО)

by
1 минути читање

Малку причина за радост за Жозе Мурињо, Манчестер јунајтед утрово го совлада европскиот шампион Реал Мадрид. „Ѓаволите“ беа одлични во првото полувреме и прилично ефективни, од три шута во рамките на голот два пати ја затресоа мрежата на противникот.

Резултатот беше отворен во 18. минута, Ерера одлично го уфрли Дармијан по десната страна, кој врати на 11 метри каде Санчез прецизно биеше за 1-0. Потоa следеше нова убава акција за дуплирање на предноста во 28. минута. Мата доби топка во фор, нафрли за Санчез кој со глава спушти за Ерера а Шпанецот од врвот на шеснаесетникот биеше на прва и погоди за 2-0. 

Пред крајот на првиот дел Бензема намали на 2-1. Тео Ернандез нафрли во срцето на петерецот, дефанзивците на „Ѓаволите“ подзаспаа па напаѓачот на Реал го совлада Де Геа.

Во второто полувреме имаше голем број на замени во двата тима, темпото малку падна особено Манчестер јунајтед подзастана па немаше нови погодоци и покрај тоа што „Кралевите“ во неколку наврати опасно се заканија.

Покрај победата која сигурно ќе ја подигне атмосферата и самодовербата во пресрет на новата сезона, Жозе Мурињо може да биде задоволен и од дебито на новајлијата Фред, кој имаше одлична партија и покажа зошто за него беа платени 60 милиони евра.

На спротивната страна, Винисиус добри шанса и тинејџерот од Бразил во неколку наврати демонстрираше дека пред него има блескава иднина и може да биде нова ѕвезда на Реал Мадрид.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×