Македонскиот шампион Шкендија го очекува клучен натпревар во Конференциската лига на УЕФА, откако во последното коло од лигашката фаза ќе гостува кај АЕК Ларнака. Средбата на Кипар ќе биде одлучувачка за тетовчани, кои со евентуална победа би обезбедиле пласман во плеј офот и продолжување на европската авантура.
Во пресрет на натпреварот, на официјалната прес конференција се обрати тренерот Јетон Беќири, кој потенцираше дека неговиот тим верува во позитивен исход и покрај квалитетот на противникот.
„Докажавме дека можеме да играме против силни тимови во Европа за време на ова натпреварување. Имаме најголема почит кон тимот на АЕК, но во ниту еден момент не влегуваме во натпреварот за да се плашиме од нашите противници, без оглед на нивната сила и ниво. Со работа и извонредна сериозност во текот на целиот натпревар, се надеваме дека ќе излеземе со позитивен резултат и утре. Тимот на АЕК има исклучително добра одбрана, тие примија само еден гол во последните натпревари. Мислам дека само нивната одбрана направи разлика, тие играат како тим и како група напаѓаат и се бранат заедно. За да излеземе со позитивен резултат, треба да покажеме изведба на високо ниво. Разговарамвме и анализиравме со играчите во текот на целата оваа недела, бидејќи сакаме успешно да ја завршиме оваа европска авантура со овие шест натпревари што ги имаме во лигашката фаза. Потоа, според резултатот, ќе видиме што ќе ни донесе крајот на овој дел.
За сите тимови во ова натпреварување, ова е последен меч, исто како што е за нас и за тимот на АЕК. И тие имаат свои математики во врска со пласманот, а ние сме во борба за европска пролет. За мене тоа е многу важно, бидејќи до последниот натпревар сме во борба за нешто големо за нашиот тим. Верувам дека и ние и играчите ќе направиме се за Шкендија и на пролет да е во Европа“.
Покрај стратегот на тетовци, пред медиумите зборуваше и голманот Бубакар Гаје, кој нагласи дека концентрацијата и дисциплината ќе бидат клучни на овој натпревар.
„Секако, работиме многу на деталите за нашите противници, во овој случај АЕК. Тие се добар тим со квалитетни играчи и мора да бидеме многу внимателни. Не само јас како голман, туку целиот тим мора да биде внимателен на нивните квалитети, работиме на ова благодарение на тренерскиот персонал. Значи, секој мора да биде свесен за своите квалитети, но и за нашиот квалитет и мора да го покажеме сето ова утре на овој натпревар. Што се однесува до очекувањата пред натпреварот, мислам дека се исти секој пат. Се подготвувате најдобро што можете и само се обидувате да се фокусирате на вашата работа. Во овој случај, мојата работа е да го одржувам голот безбеден. Да ги поддржувам момците, да бидам таму и да ги сопрам центаршутите, што и да се случи мора да бидам активен. Само се обидувам да се фокусирам на моите должности во натпреварот и да останам смирен е сè што правам пред натпреварот“, изјави голманот на Шкендија.
Пред последното коло, Шкендија има седум бода и се наоѓа на 21. позиција на табелата во Конференциската лига, а исходот од дуелот со АЕК ќе ја одреди судбината на македонскиот шампион во Европа.