Оби Микел си ја отвори душата за контроверзниот трансфер во Премиерлигата: Ме примамуваа со куфер полн пари!

by
2 минути читање

Нигериецот во 2006 се пресели во Челси, но неговиот трансфер беше еден од најконтроверзните во светот на фудбалот.

Целата сага започна во април 2005, неколку дена откако играчот наполни 18 години, Манчестер јунајтед соопшти дека има договор за ангажман на Џон Оби Микел, а истото го потврди и неговиот клуб Лин.

Извештаите велеа дека „Црвените ѓаволи“ ќе платат околу 4 милиони фунти, а играчот ќе се пресели на Олд Трафорд во јануари 2006.

Но потоа се огласи Челси, и соопшти дека тие имаат договор со Џон Оби Микел и агентите на играчот.

И покрај тоа што „Сините“ тврдеа деака Џон Оби Микел е нивен, фудбалерот се појави на пресконференција на која изрази задоволство од трансферот на Олд Трафорд а дури и позираше со дресот со број 21 на Манчестер јунајтед.

Сепак, по ваквиот развој на настаните, тој доби смртни закани, а во еден период и исчезна на неколку дена и дури во полиција беше пријавено дека Џон Оби Микел е киднапиран.

Подоцна испадна дека тој отпатувал за Лондон со агентот, и десетина дена по исчезнувањето се појави на Скај Спортс Њуз и обвини дека бил принуден да потпише за Манчестер јунајтед без присуство на неговите агенти.

Целиот случај стигна и до ФИФА, но светската куќа на фудбалот реши дека нема доволно докази да покрене обвинение против некого.

На крајот сите три клуба најдоа заеднички јазик, Челси во јуни 2006 му плати 12 милиони фунти на Манчестер јунајтед и 4 милиони фунти на Лин за Оби Микел да пристигне на Стемфорд Бриџ.

Во разговор со Сан, Нигериецот сега си ја отвори душата и откри нови детали.

„Агентите ми ветуваа се и сешто. Еден агент ми пристапи во хотелот со куфер полн пари. Не се сеќавам кој клуб рече дека го преставува, но го паметам куферот. Во него имаше 70.000 долари. Ми рече дека парите се мои доколку потпишам некои договори и ми вети дека ќе има уште многу“ – вели Оби Микел.

„Бев ставен во искушение. Никогаш не сум видел толку пари во животот, но го известив секретарот на Фудбалската федерација на Нигерија, кој внимаваше на мене“.

„Ме советуваше да го игнорирам агентот и ми вети дека ќе се преселам во голем клуб. По турнирот, се вратив дома и се сретнав со секретарот во Абуџа“.

„Таму ми кажа дека ќе потпишам за Манчестер јунајтед и дека заминувам следниот ден“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани