Фудбалерите на Ливерпул славеа убедлива победа на „Енфилд“, откако во рамките на 24. коло од Премиер лигата со 4-1 го совладаа Њукасл и најавија излез од резултатската криза, со оглед на тоа што во претходните пет првенствени натпревари немаа триумф.
Натпреварот не започна идеално за домаќините, бидејќи Њукасл поведе во 36. минута преку Гордон, што предизвика незадоволство на трибините. Сепак, реакцијата на „црвените“ беше експресна и за само две минути Ливерпул направи целосен пресврт, а двата гола беа дело на одличниот вечерва Екитике. Со водство од 2-1, тимот на Ливерпул замина на одмор.
Во продолжението домаќините ја потврдија надмоќта, а победата беше практично решена во 67. минута кога Вирц го постигна третиот погодок. Конечните 4-1 ги постави Конате во третата минута од судиското надополнување.
Со оваа победа, Ливерпул го престигна Манчестер Јунајтед и се искачи на петтото место на табелата, додека Њукасл останува на 10. позиција. Во следното коло, Ливерпул го пречекува Манчестер Сити, а Њукасл ќе биде домаќин на Брентфорд.