Ноа Ланг проговори за почетокот на авантурата во Наполи, засилувањето од Холандија вели дека првиот збор што го научил по три дена тренинг со Антоние Конте е „stanco“ – уморен.
Ноа Ланг оваа недела го комплетираше трансферот од ПСВ во Наполи во зделка вредна 25 милиони евра плус бонуси, офанзивниот фудбалер треба да биде замена за Квича Кварацхелија.
„Постоеше можност да се преселам во Наполи уште во јануари, но ПСВ не сакаше да ме продаде. Но притиснавме со мојот агент и еве сега се случи трансферот, многу сум среќен“ – вели Холанѓанецот.
„Милан? Да бидам искрен, нивниот интерес беше малку „напумпан“ од страна на медиумите. Имаа средби со мојот татко и со агентот, но никогаш не бевме блиску“.
Запрашан да опише каков профил на фудбалер е, тој вели: „Обожавам да дриблам, навивачите можат да очекуваат многу продори, асистенции и голови. Сакам да ја забавувам публиката, јас сум играч кој навивачите обожаваат да го гледаат и за кого доаѓаат на стадион“.
Ноа Ланг потоа проговори за подготовките под водство на Антонио Конте, кој е познат по строгиот режим.
„Првиот збор што го научив на италијански беше „stanco“ – уморен. Тренинг сесиите се навистина тешки. Во Холандија многу работиме со топка, додека пак тука има многу трчање. Но ова е добро, да излезам од комфорната зона. Со напорна работа можам само да станам подобар фудбалер“.
ФОТО: fb/SSC Napoli