Од таборот на Реал Сосиедад се жалат дека биле оштетени на синоќешниот натпревар против Барселона, спорен е корнерот по кој домаќините изедначија на 1-1.
„Каталонците“ синоќа се вратија од гол негатива, славеа со 2-1 против Реал Сосиедад и го прескокнаа Реал Мадрид на врвот на табелата.
Но и овој натпревар беше одбележан од контроверзија, гостите сметаат дека биле оштетени, спорен е корнерот по кој Жил Кунде изедначи на 1-1 кон финишот на првиот дел.
Голманот Алекс Ремиро откри дека и самиот судија им признал дека погрешил и се извинил.
„Се пожаливме, разговарав со судијата, презеде одговорност за грешката“ – вели Ремиро.
„Но колку и да е тој виновен, и ние самите сме виновни, се браневме многу лошо при корнерот“.
Тој потоа додаде: „Штета, ВАР не може да се употреби при вакви ситуации, што и сметам дека е исправно и навистина не треба да се употребува при вакви ситуации, така натпреварите ќе станат циркус.
Тренерот Серхио Франсиско пак изјави: „Да, боли голот за 1-1, сите на стадионот видоа дека нема корнер, само судијата беше тој кој виде дека има корнер. Доколку водевме со 0-1 на полувремето, друга ќе беше приказната во вториот дел“.
ФОТО: X/FC Barcelona