Фудбалерите на Струга Трим Лум ја оправдаа фаворитската улога славејќи против Работнички со 3-1.
Работнички бележи очајни резултати сезонава, а тоа не се промени ниту со новиот тренер Ален Тупајиќ за кого денешниот натпревар беше деби на клупата на дебармаалци.
Натпреварот беше решен во првите 20-тина минути кога гостите постигнаа два гола. Прво Јевтовски со еден силен удар го матираше голманот на Работнички за 1-0 во 11. минута, додека за 2-0 во 21. минута се погрижи Малески.
По десет минути игра во вториот дел Работнички преку Трајков намали на 2-1, но тоа беше се од нив во овој дуел. Шабани во 70-тата минута ги постави конечните 3-1.
Работнички можеше да претрпе и вистински дебакл затоа што гостите во вториот дел дури трипати ја погодуваа стативата од голот на Василев.