Реал Мадрид се соочува со сериозни кадровски проблеми во пресрет на двомечот со Манчестер сити во Лигата на шампионите. Нов удар за „кралскиот клуб“ е повредата на Алваро Карерас, кој сигурно ќе го пропушти првиот натпревар, а неговиот настап е неизвесен и за реваншот на „Етихад“.
Во Мадрид првично се надеваа дека дефанзивецот ќе успее да се опорави навреме, но тој сè уште не е подготвен за настап и нема да биде во составот за дуелот што се игра в среда.
Проблемите за тренерот Алваро Арбелоа тука не завршуваат. Реал веќе подолго време се мачи со повреди, па надвор од комбинација се неколку важни фудбалери. Килијан Мбапе, Џуд Белингем, Едер Милитао и Дани Себаљос веќе извесно време се повредени, а дополнително се приклучија и Давид Алаба, како и Родриго, за кого сезоната е веќе завршена.
Поради ваквата ситуација, се очекува шанса на левата страна од одбраната да добие Ферлан Менди, кој неодамна се врати по долга пауза. Французинот со месеци беше надвор од терените поради повреда и дури во петокот, на гостувањето во Виго, за првпат по подолго време одигра цел натпревар.
Првиот дуел меѓу двата тима се игра в среда од 21 часот, по што „кралевите“ ги очекува гостување кај Елче во домашното првенство, а потоа и реваншот против Манчестер сити во Англија.