По долги преговори, Силвио Берлускони го продаде Милан на инвеститори од Кина, нов сопственик на „Росонерите“ начелно е Ли Јонгхонг.
Но зделката постојано ја пратеа контроверзии и датумот на комплетирање во неколку наврати беше поместуван бидејќи не можеа да бидат пронајдени финасиски средства.
Многумина се чудеа кој е новиот сопственик на Милан, па Њујорк Тајмс решил да ја истражи целата ситуација.
Весникот сега изнесе сериозни обвинувања и вели дека Ли Јонгхонг лажел во своето резиме и не поседува рудници.
„Кога кинескиот бизнисмен Ло Јонгхонг го купи светски познатиот клуб Милан, практично никој во Италија не слушнал за него. Практично никој во Кина не слушнал за него“ – се вели во статијата.
„Господинот Ли никогаш не бил сместен на некоја листа за најбогати луѓе во Кина. Империјата со рудници за која тој им зборувал на фудбалските власти во Италија, речиси никој од бизнисот со рудници не слушнал за неа“.
Истражувањето покажало дека империјата за која збори Ли, барем на документи ја поседува некој друг. Новинари на Њујорк Тајмс ги посетиле канцелариите на компанијата, но тие биле испразнети а на вратата стоел знак дека се иселени поради неплатена кирија.
Рудниците за кои Ли кажувал дека ги контролира, биле во сопственост на четири различни лица во последните две години. Бизнисот во два наврати бил префрлен на нов газда без да се исплатат пари.
Њујорк Тајмс исто така пишув дека Ли Јонгхонг во неколку наврати имал проблеми со властите во Кина, а неговиот татко и брат дури завршиле зад решетки поради проневера.
Весникот побарал интервју со Ли Јонгхонг но од таборот на Милан не дале зелено светло и портпаролот на клубот само кратко порачал дека банки гарантирале за сопственоста на рудниците.
Останува да се види каква ќе биде иднината на Милан под водство на новите сопственици, клубот од Сан Сило изминатово лето трошеше како никогаш претходно и беа инвестирани преку 230 милиони евра за нови засилувања.
Но веќе се говори дека „Росонерите“ бараат нови инвеститори бидејќи за комплетирање на зделката беа позајмени над 300 милиони евра од фондот Елиот, пари кои треба да се вратат до октомври 2018.