Бобан Николов верува во добар настап на Македонија на ЕП со кој ќе се гордеат сите навивачи на репрезентацијата.
„Подруго е чувството сега затоа што ќе бидеме долго време заедно. Сега тренираме добро, тренираме напорно, ќе имаме по два тренинга дневно, но тоа е нормално, мора да се подготвиме максимално за ЕП. Прво имаме два пријателски меча со Словенија и Казахстан, се надевам дека ќе ги изиграме тие натпревари, ќе се подготвиме добро и дај Боже сите играчи да бидат здрави, да немаме повреди и да одиме таму сите максимално фокусирани. Сите сме оптимисти и знаеме дека Барди ќе оздрави навреме, тој е херој и ќе го преброди ова, има комплетна поддршка од нас“, вели Николов.
„Искрено многу сме подготвени, и физички и ментално. Подготвени сме за нови докажувања, подготвени сме да ја направиме македонската нација горда, подготвени сме да изгинеме за македонскиот дрес, се што се случуваше во клубовите го оставаме таму, сега тука сме максимално фокусирани за една цел а тоа е да одиме максимално подготвени на ЕП и мислам дека македонската јавност нема да зажали што не поддржува“.
„Знаеме да се носиме со притисокот, многу пати сме го докажале тога, кога било најтешко секогаш сме покажувале карактер. Мислам дека цел Балкан ќе навива за Македонија и нема да ги разочараме. Шест години сме веќе заедно, сме поминувале и низ добри и низ лоши работи, доволно сме искусни, а ова сега е шлагот на тортата на сите резултати што сме ги направиле“.
Николов ги прокоментира и изјавите на капитенот на Австрија.
„Во Австрија изгубивме 2-1, но гледам дека нивниот капитен изјавува дека имале лесен противник за добар почеток, тоа дополнително ќе не мотивира и на 13 јуни ќе видиме кој кого ќе победи“.