Ѕвездата на Јувентус, Кенан Јилдиз е на чекор до потпишување нов и значително подобрен долгорочен договор со „старата дама“, кој би го задржал во Торино најмалку до летото 2030 година, пренесуваат италијанските медиуми. Новиот договор би значел и сериозно зголемување на платата за младиот турски офанзивец, во согласност со неговата сè поважна улога во тимот.
Иако актуелниот договор на Јилдиз важи до летото 2029 година, раководството на Јувентус сака дополнително да го награди за одличните настапи и воедно да се заштити од интересот на бројни европски клубови. Од неговото пробивање на големата сцена во 2023 година, турскиот репрезентативец постојано е под лупа на фудбалската јавност.
Токму затоа „бјанконерите“ подготвуваат подобрени финансиски услови со цел Јилдиз да остане на „Алијанц стадионот“ и во наредните години. Во моментов, неговата плата изнесува околу 1,7 милиони евра по сезона, што не го вбројува ниту меѓу 15-те најплатени фудбалери во соблекувалната.
Со новиот договор, Јилдиз би заработувал околу шест милиони евра годишно. Дополнително, се шпекулира дека тој би можел да стане и еден од најплатените, па дури и најплатениот играч на Јувентус, доколку Душан Влаховиќ биде продаден во текот на летниот преоден рок.
Италијанските медиуми наведуваат дека преговорите се во завршна фаза и дека потпишувањето на новиот договор се смета за практично извесно, а целиот процес би можел да биде финализиран до крајот на оваа недела.