Поранешниот напаѓач на Реал Мадрид, Иван Заморано вели дека никогаш не би го донел Ламин Јамал на „Сантијаго Бернабеу“, смета дека младата ѕвезда на Барселона ја нема потребната класа и култура.
Ламин Јамал крена многу прашина кога пред „Ел класико“ пресметката кажа дека Реал Мадрид „краде и плаче“, коментари кои не им се допаднаа на навивачите, како и на сегашните и поранешните фудбалери на „кралевите“.
Последен кој кажа што мисли е Иван Заморано, легендата на Чиле смета дека младата ѕвезда на Барселона претерала со изјавата.
„Никогаш не би го донел Ламин Јамал на „Бернабеу“. Да, страшен талент е, но ја нема суштината на Реал Мадрид“ – вели Заморано.
„Без размислување би го ангажирал Педри – тој е феноменален, скромен, приземјен, зборува кога треба и тоа е најважно“.
„Ламин Јамал ја нема суштината, душата на Реал Мадрид. Добро му е во Барса, нека си продолжи таму. Но друга е приказната во Реал Мадрид, се работи за клуб со класа и култура, и играчите мора да го претставуваат тоа“.
Чилеанецот потоа додаде: „Никогаш не сум го слушнал Меси да каже дека некој краде, а тој беше најдобар во светот. Ламин Јамал треба помалку да зборува, и повеќе да докаже на теренот што може“.