Изминатото лето
често се пишуваше за преселба на Пол Погба во Реал Мадрид, се говореше дека
Французинот е голема желба на неговиот сонародник Зинедин Зидан, кој блокираше
други зделки како онаа на Дони ван де Бек од Ајакс и Кристијан Ериксен од
Тотнем.
Трансфер сепак не
се случи, Манчестер јунајтед не сакаше да слушне за продажба на фудбалерот од
средниот ред и постави висока цена од 200 милиони евра.
Се говори дека
„кралевите“ нема да се откажат, и денеска се појавија нови шпекулации откако
медиумите објавија фотографија од средба на Пол Погба и Зинедин Зидан во Дубаи.
Оле Гунар Солшер
сепак не е премногу загрижен, вели дека ваквите написи се нормална
работа кога сте дел од голем клуб како Манчестер јунајтед.
„Никогаш не сум
го слушнал Пол да каже дека повеќе не сака да биде тука. Пол сака да остане и да прикажува добри партии. Тој е дел од нашиот план за иднината и Пол го
знае тоа. Имам разговарано со него во неколку наврати“ – рече Норвежанецот на
денешната прес конференција.
„Тој играше со
ситна повреда, можеше да одбере да не игра против Рочдејл или Арсенал, но
сакаше да помогне. Сепак, имаше преголеми болки па направивме детални тестови и
сега мора да паузира. Доби неколку слободни денови, и ете се појави таа фамозна слика. Но
кога сте дел од Манчестер јунајтед, нормално е да ве сликаат, да шпекулираат за
вас. Немам никаков проблем со сето ова“.